Следете не на социјалните мрежи

         

Претседател на Институтот Iuridica Prima е д-р Ангел Ристов, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Роден е на 19 септември 1976 година во Неготино. По завршувањето на основното образование се запишал во УСО ,,Св. Кирил и Методиј“, општа гимназија, која ја завршил со одличен успех и е прогласен за најдобар ученик во генерацијата 1991/95 година. Во периодот од 1993 до 1995 година бил претседател на средношколската младина во Неготино и aктивно учествувал и во работата на Унијата на средношколци на Република Македонија.

На Правниот факултет на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје се запишал во учебната 1995/96 година-отсек правни студии. Студиите ги завршил во редовен рок и дипломирал во јули 1999 година, со највисок просек во својата генерација - 9,86, за што бил пригодно награден од деканот на Факултетот. За постигнатиот успех во студирањето добил награда од фондацијата „Франк Харкорд Манинг“ од Лондон, Велика Британија, која се доделува на шест најдобри студенти на факултетите од општествените науки. По повод празникот 24 Мај, бил награден со пофалница од ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’, во знак на признание за постигнатиот најдобар успех во студирањето на Правниот факултет за учебната 1998/99 година. Постдипломските студии по граѓанско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ги завршил во јули 2003 година со среден успех - 9,66.

Во наставниот процес бил вклучен како демонстратор по предметите општ дел на граѓанско право и стварно право врз основа на одлуките на Наставно-научниот совет за учебните години 1998/99, 1999/00, 2000/01, 2001/02 и 2002/03 година. Со oдлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет ,,Јустинијан Први’’ во Скопје од 19.5.2003 година, избран е во звањето соработник-помлад асистент на научната област граѓанско материјално право. Во периодот од октомври 2003 до април 2004 година бил на отслужување на воениот рок во Школата за резервни офицери во Армијата на Република Македонија и се стекнал со чин поручник во резерва. Во декември 2007 година, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ е реизбран во истото звање - помлад асистент на научната област граѓанско материјално право и ги извршува асистентските должности на предметите семејно и наследно право.

На 18.6.2008 година на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје го одбрaнил магистерскиот труд под наслов ,,Правните лица како субјекти на имотноправниот однос“ и се стекнал со академски степен магистер на правни науки, од областа на граѓанското право. Во соработничкото звање асистент на научната област граѓанско право е избран на 4.6.2009 година. На 8 ноември 2009 година му беше доделено признание од Советот на општина Неготино за достигнувања од областа на образованието.

Докторирал на 26.10.2010 година пред Специјализираниот научен совет по правни науки на Вишата атестациона комисија на Владата на Република Бугарија на Правниот факултет при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ на тема „Етажната сопственост во македонското и бугарското право.“ Со решение бр. 14-1107/5 од 20.9.2012 година на Министерството за образование и наука на Република Македонија, докторската диплома со бр. 34890 му е призната за завршен трет циклус докторски студии и стекнат научен степен - доктор на правни науки.

На 21.12.2012 година со одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје е избран во наставничкото звање доцент на научната област граѓанско материјално право. Активно го говори англискиот, францускиот и бугарскиот јазик, а се служи и со рускиот јазик.

Автор е на повеќе од 90 научни и стручни статии и 15 монографии и учебници од областа на граѓанското, семејното и наследното право.



Iuridica prima.